Од другата недела Интерните клиники се враќаат во нормална работа, ковид-пациенти ќе има на Клиниката за инфективни болести и во Институтот за белодробни заболувања, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на Клиниката за ортопедски болести.
Имајќи предвид дека и болниците се навистина растеретени, дел од ковид-центрите веќе се затвораат. Од следната недела целата Интерна клиника ќе се врати во нормална работа. Одделот за неврологија и дерматовенерологија се враќаат во нормала, сите ковид-пациенти ќе бидат сместени на Инфективна и Институтот за белодробни заболувања. Тоа дополнително ни дава за право да сметаме дека ситуацијата е мирна, рече денеска Филипче.
Министерот кажа дека не може да се предвиди дали нова варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација и затоа акцент се става на вакцинацијата.
Има официјални податоци од студии дека значајно се зголемува ефикасноста против варијаната омикрон кога се прима третата, бустер доза. Затоа инсистираме вакцинацијата да продолжи, граѓаните кои се вакцинирани со две дози да ја примат и третата. Сметаме дека е тоа е излезот од кризата, изјави Филипче.
Според министерот, опфатот со вакцината, според новиот попис на населението во државата, кој е меѓу 50 и 55 отсто ако се исклучат децата, сепак е висок процент.
Жал ми е што спласна интересот и нема за кратко време да постигнеме 70-80 проценти опфат на целокупното население кое ќе биде вакцинирано против ковид-19. Но, и со овој опфат на вакцинација ние имаме во континуитет подолг временски период намалување на бројот на заразени со ковид-19. Тоа не значи дека може да бидеме сигурни дека така ќе продолжи, може некој нов сој ќе ја смени епидемиолошката ситуација. Затоа треба интензивно да се прати ситуацијата по градови, региони, треба да се следат бројките на новозараени, смета Филипче.
Заклучно со 19 декември годинава вакцинирани се вкупно 853.314 лица со барем една доза на вакцина против ковид -19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица, според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според министерот мерките засега се добри.
Сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодините празници сметам дека се доволни со оглед на тоа што такви собири на јавни места има и секаде. Практично ќе се достигне кулминација за време на новогодишните празници, после сето тоа ќе спласне, а сега е прилично мирна состојбата. Ме гледам зошто, специфично и само за нова година би правеле некаква рестрикција кога собири има секаде, луѓе се собираат во огромен број, изјави Филипче.
Затоа, како што кажа, засега не се планираат никакви дополнитлни мерки и рестрикции.
Сметаме дека ова што е сега препорака и во однос на излез и влез во земјата, тоа да се бара целосна вакцинација, пцр тестирање или потврда за прележан ковид е сосема доволно, рече Филипче.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 221.744, бројот на оздравени пациенти е 208.724, на починати е 7.838, а бројот на активни случаи изнесува 5.182.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.