Ниту еден пациент не е пратен во приватните болници, а притоа да не е обезбедено место во јавното здравство. Исто како и за други патологии, за друга здравствена услуга, така ковид пациентите оделе и одат таму по своја волја од икс причини, никогаш заради тоа што биле упатени или им било кажано дека нема место во јавното здравство. Напорно работевме да обезбедиме секогаш доволен број на болнички кревети, да пренамениме одделенија итн., за да се обезбеди секогаш слободни кревети и места во амбулантите, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека точно е дека во еден период се чекало за прием неколку часа, се препраќале пациенти од еден во друг оддел, што важи тука пред се за Скопје, меѓутоа, како што појасни, ниту еден пациент не беше оставен без соодветна здравствена заштита.
Во рамките на тоа, гледајќи колкав е интересот и притисокот на пациентите кон приватни здравствени установи анализата што ја направивме врз основа на податоци што ги побаравме од приватните установи да видиме колку и како бил интензитет на прием на пациенти го донесовме овој закон во интерес на пациентите. Се надеваме дека нема да треба, ама мораме да се подготвиме евентуално и за некој следен бран. Никој во светот не знае што може да се случи. Сега сме далеку поспремни, имаме искуство, веќе знаеме како се реорганизираме, така што сето тоа е во интерес на граѓаните во нашата измена на законот. Повторно уфрливме уште еден член со кој тогаш доколку оцениме дека нема слободни кревети во рамките на јавно здравствените установи државата е таа што ги користи капацитетите на приватните, на некој начин ги ставаме во функција на јавното здравство, рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираните хируршки сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.
Така што, додаде министерот, со измената на законот прво се лимитираат цените кои граѓаните ги плаќаат, а понатаму и државата се обезбедува за екстра кревети ако се соочиме со некој силен бран и ќе ни бидат потребни дополнителни спасувачки капацитети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.