Никој не е венчан за функцијата. Секој од нас е заменлив, одговори на новинарско прашање околу оставката министерот за здравство Венко Филипче.

Се воздржувам од сите коментари се додека трае истрагата. Се надевам дека ќе ја прифатите оваа аргументација, не сакам никако да се сфати во некоја форма во која што не треба, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со пожарот во тетовската модуларна болница во која животот го загубија 14 лица, а 12 беа повредени.

Министерот посочи дека во истрагата за избувнувањето на пожарот во модуларната болница се вклучени институции, обвинителства и како што напомена, ќе дозволи најпрвин тие да констатираат, а по завршување на процесот ќе биде на располагање за разговор или изјава.

Тој додаде дека процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска Банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.