Министерот за здравство во оставка Венко Филипче смета дека нема потреба од дополнителни мерки за заштита од корона вирусот и уште еднаш повика на вакцинација на граѓаните кои тоа досега не го направиле.

Филипче денеска беше во посета на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир каде е пуштен во употреба целосно реновиран Ургентен центар направен по сите европски стандарди.

Според Филипче, важно е граѓаните да се придржуваат до стандардните мерки, да не се собираат по многумина на мал простор, да носат маски таму каде е потребно и да се вакцинираат што е можно поскоро.

Нема знаци за влошување на состојбата во државата. Лично сметам дека ниту поради сојот омикрон, ниту поради друг сој кој евентаулно би се открил, треба да се прават дополнителни рестрикции. Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација. Тоа е излезот од оваа криза. Не може за секој сој, без разлика на карактериститките, се до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки. Сметам дека тоа што се бара задолжителна вакцинација, мерките што важат да не се преполнуваат затворените простории, како и мерките за патување се сосема доволни, изјави Филипче.

Филипче вели дека е добро што здравствениот систем не е оптоварен со многу пациенит и дека би било добро ситуацијата така и да остане.

Нема друг регистриран случај на заболен со омикрон сојот во Македонија. Засега останува само човекот дојден од Велика Британија, кај кого беше изолиран токму овој најнов сој на корона вирусот.

Филипче најави дека од следната недела ќе се направат група тестови за дополнително секвенционирање, но дека засега епидемиолошката состојба е стабилна.

Досега во земјата се направени вкупно 1.574.100 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 223.211, бројот на оздравени пациенти е 210.475, на починати е 7.904. Бројот на активни случаи изнесува 4.832 и според дистрибуцијата најмногу има во Скопје 2440, Прилеп 348, Битола 341, Охрид 250, Кавадарци 180, Струмица 137, Велес 131 и Куманово 114 случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.