Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека има препорака да не се користат годишни одмори и дека од здравствените работници речиси и да нема барања за годишен одмор.

Тоа значи дека сите се целосно посветени на пациентите, сите се свесни и херојски ја извршуваат својата задача. Таму каде недостасува кадар се надополнува од други здравствени институции – посочи Филипче.

Од Лекарската комора вчера ги повикаа сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата предизвикана од ширењето на Ковид-19 и со заеднички придонес и делување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.

Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани од Ковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго. Голем дел од кадарот кој работи во ковид-центрите одамна не работи по систем на ротации, а многу здравствени работници немаат користено годишен одмор. Во услови на намален број на здравствени работници и непостоење на начин за кратко време тој да се зголеми станува јасно дека помал број на лекари, медицински сестри и болничари треба да се грижат за значително поголемиот број пациенти што неминовно влијае на квалитетот на здравствената нега која се добива – истакнаа од Лекарската комора.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.