Во следните недела до две ќе се знае дали од септември ќе почнат со работа градинките и училиштата. Веројатноста е голема, но да се усогласат сите протоколи, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Јасно е дека вирусот е тука и мора да научиме да функционираме со него. Не може децата да не одат во училишта, но мора да имаме подготвени превентивни протоколи по кои ќе се функционира во училиштата. Некои од принципите се помали групи, повеќе смени и пократко траење на часовите. Што пократко време во затворен простор и носење маски, рече Филипче.

Тој вечерва на гостувањето во емисијата „Само вистина“ рече дека во изминатиот период се одржани состаноци со министерствата за труд и социјална политика и за образование и оти се изготвени предлог протоколи за кои деновиве повторно ќе дискутира Комисијата за заразни болести за потоа следната недела на владина сендица да се утврди по кои правила ќе работат овие институции.

Одржавме неколку состаноци и со претставници од Министерството за образование и од Министерството за труд и социјална политика, со членовите на Комисијата за заразни болести. Различни се предизвиците во училиште, а други во градинка. Следната недела ќе се донесе одлука. Мора да имаме протоколи кои ќе бидат водич за спроведување на наставата. Помали групи во училиштата, како резултат на тоа повеќе смени и покус час. Што пократко време во затворен протсор. Доколку може и наставниците да бидат ограничени во контактите со групи деца кои ги учат. Ако е групата деца помала, а тој наставник заболи, сите од групата се во ризик. Мали групи, честа дезинфекција, сите со маски…Гледаме и учиме од примерите од некои земји кои почнаа со настава. Го разгледавме примерот од Израел, рече Филипче.

Тој не прецизира дали градинките би почнале со работа од 1 септември, вели ќе се одлучи следната недела, иако веројатноста е голема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.