Министерот за здравство Венко Филипче не очекува дека во следниот период ќе има нов силен бран на ковид-19 поради тоа што е пораснат опфатот со вакцинација во Македонија. Според него, тешко е да се каже што нѐ очекува, но четвртиот бран бил многу силен, меѓутоа, најмногу хоспитализации имало во градовите со ниска стапка на вакцинација.

Во градовите кадешто беше повисок степенот на вакцинирани, немаше гужви во болниците. А сега, на територијата на целата држава е пораснат опфатот со вакцинацијата. Сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и да ја пратиме состојбата. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето. Очигледно е дека има ефект од процесот на вакцинација. Тоа е докажано и беше сега во овие градови во коишто болниците воопшто не се преоптеретија. Кавадарци беше еден од тие градови, меѓутоа опфатот со вакцинација таму беше 50-тина проценти тогаш, сега е над 60, рече Филипче, додавајќи дека вакцинираните и да се заразат тоа ќе биде со полесна форма.

Досега, со барем една доза се вакцинирани 790 илјади граѓани, од кои 750 илјади се ревакцинирани, а околу 1.000 ја примиле и трета доза.

Филипче тврди дека има доволно термини за тестирање за суспектните на Ковид во државните институции.

Нема никаква гужва во Центрите за јавно здравје, ниту во Институтот. Во оние најсилни бранови претходно имаше навистина редици. Лабораторијата е веднаш до Министерството за здравство. Сега едноставно нема луѓе кои доаѓаат, што значи дека термини има сосем доволно. Станува збор за околу 300 – 350 новодијагностицирани случаи што може многу комотно без никакво чекање да се тестираат било кога. Во таа смисла, нема информации дека нема термини. Тогаш кога имаше проблем, кога имаше потреба алармираа самите Центри и Институтот за да се пуштат повеќе термини во текот на неделата, рече Филипче.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.