Најновиот биланс на заразени со корона вирусот во Македонија е 127 лица.

На Инфективната клиника има 71 пациент, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата 8-ми септември има 42 пациенти, на респираторна машина има 8 пациенти и со потешка клиничка слика уште 7. Во болницата во Битола има 13 пациенти, во Штип 24 и на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Куманово, Велес, Куманово и Прилеп хоспитализирани се 39 пациенти – истакна на денешната прес конференција, министерот за здравство, Венко Филипче, одржана по тридневниот карантин во најзагрозените делови од Македонија.

Според него таргетираното тестирање било рана дијагностика за навремена изолација на сите контакти кои се носители на вирусот во рамките на познатите кластери.

Најголем број од заболените се заболени на семејни или други собири, па со оваа стратегија ги изолиравме сите контакти на заболените и оние без симптоми.

Полицискиот час за викендов дозволи полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти, што беше отежнато претходно. И покрај отпорот на некои места сега има подобра соработка. Епидемиолозите полесно пристапуваа и тестираа. Апелирам до граѓаните коректно да соработуваат и да даваат точни податоци. Огромен процент од новозаболените се со лесна клиничка слика или асимптоматски и од вкупниот број хоспитализирани само 8 пациенти се на механичка вентилација – рече Филипче.

Околу 65 отсто од активните случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а 90 отсто спаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите 3 кризни региони. Оваа кластерска анализа покажала дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир околу 23, 24, 25 мај пред 2 недели.

Анализата во последните 7 дена покажа дека успеавме жариштата да ги задржиме во рамките на територијални целини. Една од дилемите која се појави е ширењето во другите општини во Скопје, надвор од првичните неколку кризни, а тоа е очекувано бидејќи градот функционира како целина и голем број од овие случаи се исто така резултат на собири. Во периодот кој следи комисијата ќе предложи до Владата и ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето.  Непочитувањето на мерките за заштита го донесе вториот бран и треба да извлечеме поука од тоа – рече Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.