Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.

Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните, потенцира Филипче.

Тој апелира на максимална одогворност од сите, бидејќи делта сојот брзо се шири.

Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација, додава Филипче во објавата.

Објавата на Филипче следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оцени дека ова се квази мерки кои не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.