Би сакал да ја искористам оваа прилика и најпрвин да искажам во име на нашата пратеничка група и сите пратеници длабоко жалење за она што се случи во тетовската болница пред неколку дена, а по повод тој настан како кулминација на неколку погрешни одлуки претходно пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводиме врз основа на член 68, став 1, алинеја 16 од Уставот на Република Македонија како и врз основа на членот 184 од Деловникот за работа на собранието предлагаме одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница.

Милошоски побара предлог-точката за одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство да биде ставена на дневен ред посочувајќи дека очекува поддршка од страна ан сите пратеници, односно како што рече тој да се констатира оставката за да може на овој важен ресор да се предложи посоодветна личност.

Сметаме дека тоа е најмалку што може да го направи Собранието, да ја констатира оставката на министерот Филипче, кој што сноси објективна одговорност за ваквата катастрофа, а за субјективната негова одговорност или на други чинители ќе се одлучува во истражна постапка Јавното обвинителство. Предлагам оваа точка да биде прва на Дневниот ред и очекувам поддршка од сите пратеници, затоа што оставката како морален чин не треба да биде предмет на ничија истрага, тоа е оставка на човек кој што има или нема грижа на совест, а премиерот не е Ајатолахот во Иран па да одлучува кој има совест, кој е морален или кој е неморален во државата, рече Милошоски.

Затоа сметам дека Собранието како претставнички дом на граѓаните и претседателот на Собранието треба да ја прифатат оваа точка на дневен ред, да ја констатираме оставката и да може овој важен ресор да продолжи понатаму со посоодветна личност на чело на министерството за здравство, изјави Милошоски.

Милошоски упати апел до претседателот на Собранието Џафери преку прифаќање на оваа предлог одлука за разрешување на Филипче да покаже дека има поголема совест од Зоран Заев, за кој како што рече дека Филипче му е важен за големи тендери, но овде се работи за голема човечка катастрофа и ризик во здравствениот систем.

Почитуван претседателе Џафери, очекувам од вас со прифаќање на оваа предлог одлука за разрешување на Венко Филипче, вие да дадете личен пример дека имате повеќе совест од премиерот Заев. затоа што очигледно е дека нему Венко Филипче му е многу важен за големи тендери, но овде се работи за голема човечка катастрофа и за голем ризик во здравствениот систем. Затоа сметам дека на оваа иницијатива да и се бараат процедурални недостатоци, туку напротив треба да и се види суштината на оваа иницијатива, оставката да биде констатирана и Собранието да може да биде на страна на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.