Министерот за здравство, венко Филипче, на Фејсбук порача мерките кои ги предлагаат се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин за борба против вирусот.

Тоа никој не го смета за дискриминација, туку за одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските – вели Филипче.

Посочува дека фактот што дури 90 проценти од новозаразените во земјава во последната недела се невакцинирани, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините.

Обраќајќи им се на оние граѓани кои се двоумат или одбиваат да се вакцинираат, Филипче им порачува да им веруваат на стручните лица и на оние кои имале искуство со вирусот.

Заболувањето носи голем ризик, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати. Разговарајте со луѓе кои за жал вирусот го поминале тешко, нека ви го раскажат искуството. Разговарајте со неколку доктори, медицински сестри во болницата каде живеете, нека ви споделат неколку приказни од нивното работно секојдневие. Вакцинацијата е единствен начин да се вратиме во нормала – вели Филипче.

Вечерва, во повеќе градови низ државата се одржаа протести против рестриктивните мерки со кои на невакцинираните ќе им биде забранет влез во угоститеските објекти. Мерките стапуваат на сила од утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.