Се намалува бројот на тестирања во државните лабoрaтории, сега може и во текот на истиот ден кога пациентите се јавуваат кај матичните лекари да има слободен термин. Епидемијата стивнува кај нас, ќе видиме дали е ова почеток на крајот, но сакам да апелирам до граѓаните овие празнични денови да бидат крајно внимателни. Не смееме да ризикуваме да имаме уште еден силен бран“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје и оваа недела продолжува падот на сите бројки и индикатори кои ги следи Институтот во целиот овој изминат период.
Имаме намалување за 16,9% на новозаболени во последните 7 дена, процентот на позитивни од тестирани лица бележи пад за цели 5% колку што бележи пад и процентот на починати лица. Се намалува бројот на пациенти кои се хоспитализираат во болниците. Анализата за последните две недели покажува дека се намалува бројот на хоспитализирани пациенти и во скопските болници и клиники, како и во болниците низ државата. Во првата недела од декември имало 890 хоспитализирани пациенти, денеска бројката е 629, потенцираше Филипче.
Во Прилеп, Охрид Куманово и Струмица денес бројот на хоспитализрани пациенти е значително помал во однос на почетокот на декември.
И во ковид центрите во Скопје, има константна и стабилна бројка на приеми со тенденција на намалување.
Во однос на тестирањето, има се повеќе слободни термини за тестирање за Ковид 19, притисокот се намалува.
Во втората и третата недела од декември намален е и бројот на тестирања, како во државните така и во приватните лаборатории.
Ако во целокупниот изминат период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе беа објавени, сега и во текот на истиот ден има термини кои се слободни, односно не закажани. Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории, а воедно се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории, рече Филипче.
Тој, упати и апел за почитување на мерките за спречување на ширењето на ковид-19 вирусот.
Пред нас следи многу убав период околу новогодишните празници, меѓутоа ние имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Сакам да апелирам да во вакви услови, ситуација кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира, да не направиме ништо да истата сега се влоши. Апелирам да се празнува одговорно, во кругот на семејството, без групирање, со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека сите овие досегашни протоколи и мерки беа добро димензионирани и го дадоа резултатот, како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа имајќи предвид колку е тоа тешко за сите нас. Апелирам во следните две до три недели сите да бидеме крајно внимателни. Има некои позитивни придвижувања, ќе видиме дали е тоа почеток на крајот на епидемијата и затоа не смееме да ризикуваме уште еден силен бран, истакна Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.