Министерот за здравство, Венко Филипче, тврди дека Македонија ќе има пристап до вакцината за Ковид-19, во оној момент кога таа ќе биде достапна.

Како што соопшти тој во интервју за телевизија „Клан“, првичниот план е да се набави количество од вакцината за имунизирање на една петтина од населението.

Набавка за имунизирање на 20 отсто од населението е нешто што засега се смета дека е некоја разумна количина, согласно со сегашните сознанија. Во таа група од 20 отсто од населението влегуваат постарите лица, хронично болните, децата итн. Има ризични групи кои се први за вакцинација, но секако ги следиме и новите сознанија и препораки – вели Филипче.

Тој посочува дека набавката на вакцина против Ковид-19 за потребите на државава ќе се врши преку механизмот КОВАКС при Светската здравствена организација, но и преку веќе добиената понуда од Полска, потребните количини за земјава да се набават преку механизмите на Европската Унија.

Министерот истакнува дека се уште не се познати ниту количините, ниту како ќе се одвива распределбата по земји.

Во врска со вакцините против сезонски грип, тој вели дека годинава од вообичаената бројка од 28 илјади вакцини, се набавуваат 40.000 и плус 20.000 кои ќе се добијат од донација.

Значи ќе имаме 60.000 вакцини, двојно повеќе од тоа што сме имале претходните години. Со оваа вакцина ќе бидат опфатени повеќе ризични групи кои сметаме дека треба да се вакцинираат, меѓу другото и здравствените работници кои ќе одлучат да ја примат, со оглед на тоа што не е задолжителна вакцина. Дали ќе има вкрстен имунитет со кој оваа вакцина ќе штити и од Ковид-19 тоа не го знаеме со сигурност. Вакцината штити сигурно, со оглед на тоа што е четири валентна, од претпоставените вируси на сезонски грип или може да се јави сосема лесна форма на болеста, но апсолутно е препорачлива за луѓе кои веќе имаат хронични болести. Освен ризичните групи кои вакцината за сезонски грип ќе ја добијат бесплатно, ќе има одредени колични и за комерцијална продажба – потенцира Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.