Големата смртност на пациенти болни од ковид-19 се должи на тоа дека долго време се лекуваат надвор од болница и доаѓаат доцна со лоши параметри, а голем дел од починатите биле со карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, имале повеќе хируршки интервенции, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Најголема смртност од ковид-19 се регистрира кај лицата над 60 години, и кај нив 73 отсто се лица со хронични болести. Во земјава досега во коронакризата починаа 5.901 лице, а изминатава недела од четвртиот бран имаше и денови со по 36 односно 32 починати дневно.
За смртноста на помлади пациенти, Филипче кажа дека тие лица не се невакцинирани, и повтори за случајот од 28 август кога пациент на 24 години на своја одговорност ја напушти болницата во Ресен и почина. Мал е бројот на починати, а вакцинирани лица, додаде тој.
За честите реакции во јавноста за начинот на лекување на матичните лекари и протоколите , Филипче кажа дека во секоја болница има соодветен протокол, никаде во светот нема унифициран пристап.
Секаде има препораки за лекување во зависност од тежината на клиничката слика. Кај нас во секој Ковид-центар има пулмолог или инфектолог кои работат по препораки“, кажа Филипче.
Продолжува трендот на намалување на новодијагностицирани лица, и Р-факторот е о, 9.
Во однос на вакцинацијата, највисока стапка , 56-60 проценти има во Охрид, Кавадарци и Неготино, најниска е во Гостивар, а највисок раст, за 15 отсто има во Тетово.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 722.578 граѓани. Прва доза вакцина во саботата и вчера примиле 9.240 граѓани, а вкупно се вакцинирале 18.292 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.253.612 дози вакцини, а ревакцинирани се 531.033 граѓани.
Со последните бројки 52% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.