Разрешениот директор од Центарот за јавно здравје Арбен Зибери е меѓу 15-те пратеници на ДУИ по вчерашните предвремени парламентарни избори. Зибери е втор на листата за пратеници од ДУИ во Првата изборна единица, веднаш по потпретседателот на интегративците Изет Меџити.

Зибери беше разрешен од функцијата директор на ЦЈЗ Скопје поради, како што рече тогаш министерот Венко Филипче, пласирање неточни изјави во јавноста, со што директно наштетил на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот.

Зибери тогаш на Фејсбук се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на изборите за премиер Албанец.

По ова Зибери реагираше дека Филипче ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања и порача дека тој како кандидат за пратеник има право на социјалните мрежи да објавува политички ставови.

Арбен е внук на кандидатот за премиер Албанец, Насер Зибери.

Освен Зибери и Меџити, мандат за новиот парламентарен состав од ДУИ освоија Арбр Адеми, Берат Ајдари, Мерита Коџаџику, Талат Џафери, Исмаил Јооски, Арбана Пашоли, Али Ахмети, Флорин Бесими, Арта Билали Зендели, Насер Нуредини, Бајрам Реџепи, Вјолца Љатифи Адеми и Бајрам Кадрија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.