Министерот за здравство, Венко Филипче, го осуди насилството врз лекарот од Клиниката за токсикологија во Скопје.
Филипче на Фејсбук порача дека нема оправдување за насилство и ги повика институциите соодветно да го санкционираат сторителот.
Денеска физички беше нападнат колега, лекар на Клиниката за токсикологија. Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство. За жал, ова не е прв ваков инцидент, лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи. Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат – стои во реакцијата на Филипче.
На Клиниката за токсикологија попладне бил нападнат лекар, кој се здобил со повреда на окото, неколку хематоми и расекотини.
Тој подоцна добил помош во Ургентниот центар и бил пуштен дома.
Според информациите, лекарот бил нападнат од родител на малолетно дете, кое одбил да го прегледа, откако го упатил на педијатрија.
Случајот е пријавен во полиција која веднаш излегла на местото на нападот. Преземени се мерки откако родителот е пронајден и идентификуван. Против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.