Министерот за здравство Венко Филипче, ги најави следните чекори на Министерството за здравство и Владата, како и за есенскиот период кој е пред нас.

Според анализите на Комисијата за заразни болести на кумулативната состојба со епидемијата во нашата земја, заклучно со 19 септември, од почетокот на епидемијата најголем број на случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, при што највисока инциденца на 100,000 жители има Штип.

Според дистрибуција по возрасни групи, од вкупниот број на случаи и натаму најзастапена е групата над 60 години, но евидентно е дека избива групата помеѓу 30 и 39. Ова укажува на тоа дека вирусот е се поприсутен кај работоспособно население и популација која има активен социјален живот, со многу контакти.

Во однос на процентот на позитивни од тестирани, после пикот на 27 јуни кога истиот изнесувал 22,3%, почнува да опаѓа, па од средината на август процентот бил под 10, за да на 6 септември тој процент изнесува 5,2. Од 16 септември, процентот е над 10, а на 19 септември сме регистрирале 12,1% позитивни од тестирани.

Министерот Филипче изјави дека најголемиот број новодијагностицирани случаи сме имале во 28 недела (втората недела од јули) кога се регистрирани 1.074 заболени. Потоа оваа бројка опаѓа во континуитет, а во 38 недела, а тоа е изминатата недела, бројката почнува да расте и до 19 септември се регистрирани 908 нови случаи.

Анализите на дистрибуцијата на потврдените од КОВИД-19 во Македонија според начин на стекнување на болеста, најголем дел од дијагностицираните се преку локален пренос на инфекцијата. По затворањето на границите, спорадични импортирани случаи почнуваме да регистрираме на 29 мај, а по повторно отворање на границите, речиси секој ден. Од почетокот, вкупниот број на импортирани случаи се 414. Најголем број се од Албанија 79, Србија 74, Германија 41, Косово 24, Бугарија 22, Турција 20, Грција 18 и Австрија 15. Анализите во текот на епидемијата во изминатите 14 дена споредено со други земји покажуваат дека последните две недели, инциденцата на 100,000 жители кај нас изнесува 79,2. Во ЕУ, ЕЕА и Велика Британија е во просек 76, а се движи од 5 до 271 на 100.000 жители. Стапката се зголемува веќе 56 дена – изјави Филипче.

Во 19 земји (Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Унгарија, Ирска, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Велика Британија) се забележува високо ниво на 14-дневните стапки на пријавени случаи на Ковид-19 (најмалку 60/100.000)

Кај нас, од вкупниот број потврдени случаи 1638 во периодот од 6 до 19 септември, 32% имале контакт со потврден случај, 63,3% се од непознат извор, еден мал дел се неистражени. Во истиот период, 21 % се асимптоматски случаи, а од вкупниот број на потврдени (1638) процентот на хоспитализации е 17,7%.

Најголем процент на хоспитализирани од болни, во истиот период, е регистриран на 6 септември (28%), од тогаш процентот опаѓа, за да на 19 септември регистрираме 2,4% хоспитализирани од потврдени. Споредено со земјите во Европа, процентот на хоспитализации во просек е понизок – потенцираше министерот Филипче.

Во однос на состојбата со болничките капацитети, тој истакна дека состојбата е стабилна и бројот на активни случаи е релативно стабилен.

Во моментов најголем број на активни случаи, односно случаи со болест во тек има во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Гостивар и Струмица. Во однос на смртноста, леталитетот во нашата земја изнесува 4,1%. По недели, најголем број на смртни случаи има во 25 недела кога се регистрирани вкупно 54 починати лица. Од тогаш бројката на починати опаѓа, а во последната 38 недела до 19 септември се регистрирани 40 – изјави Филипче и најави дека анализата на ИЈЗ за целата измината недела, односно за периодот од 14 до 20 септември ќе биде достапна во текот на утрешниот ден.

Од анализите на епидемиолошките анкети на ново заразените, тој посочи дека јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред се: на групирање, семејни собири и прослави, свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните.

Очигледно граѓаните заборавија на важноста за почитување на мерките и последиците кои ги сносиме сите од нивното непочитување. Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период кој го имавме полека завршува. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм, дека мора и натаму да делуваме за да го заштитиме јавното здравје и здравствениот систем. И повторно ќе кажам нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик критичните групи граѓани, но и сите останати кои може да бидат жртви на вирусот. Видовме дека коронавирусот може да биде фатален буквално за секој. Заради оваа состојба веќе започнавме, а уште повеќе во следните денови ќе ги засилиме контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила. Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се разбере многу сериозно. Апсолутно е недозволиво, покрај сите најави за ризиците кои ги носи есента, сериозен дел од граѓаните и натаму да не ги почитуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите пред се во угостителскиот сектор да не ги почитуваат мерките. Во тек се анализи за воведување на нови мерки, за спречување на понатамошно ширење на вирусот. Тука сакам да посочам дека наша стратегија и цел е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширењето на вирусот – потенцираше Филипче и додаде дека целта е да се избегнат евентуални рестрикции на движење или мерки кои повторно ќе ја закочат економијата и целосно ќе не затворат во нашите домови, но доколку тоа биде нужно, тоа и ќе се направи.

Дел од мерките кои се разгледуваат се задолжително носење на маска и на отворено, ограничување на бројот на лица по маси во угостителските објекти, ограничување на бројот на лица за групирање воопшто, силна контрола и казни за семејни собери и прослави на затворено, прецизен протокол за работа на угостителските објекти на затворено (со мал број на гости и соодветна дистанца), намалување на капацитетот на јавниот превоз и сл.

Министерот Филипче рече дека иако во моментов вкупниот капацитет на болниците е во добра состојба, еден од најголемите ризици беше и останува притисокот врз здравствениот систем.

Свесни дека повеќе од сигурно ќе се соочиме со есенски бран, ние уште на почетокот на летото, почнавме да го подготвуваме здравствениот систем, ги зголемивме капацитетите, го зголемивме бројот на здравствени работници и го реорганизиравме системот. Но, системот не може без граѓаните и нивната поддршка. Сите се важни во овој процес. Да ги почитуваме мерките, да не дозволиме да се преполнат болниците. Непочитувањето на мерките исто така ќе значи оптеретени и изморени здравствени работници кои, заради големиот број на пациенти, нема да можат да пружат соодветната нега и грижа. Да ги почитуваме мерките бидејќи тоа значи почит и за здравствените работници. Секој од нас мора да ја разбере сериозноста на она што ни претстои. Мора да разбере дека непочитувањето на мерките ќе не одведе кон нови рестрикции кои секако никој не ги посакува. Може да не одведе кон критична состојба во болниците, кон нова неизвесност на секое поле. Ова не смееме да го дозволиме бидејќи ова ќе значи и доведување во прашање на економската стабилност на земјата, работните места, егзистенцијата. Сите знаеме какви штети предизвикува карантинот како мерка и врз економијата и врз моралот на граѓаните насекаде. Можеме да го превенираме само со целосно и доследно држење до препораките и мерките. Од нас зависи каква есен ќе имаме. Од нас зависи како ќе го премостиме и овој бран. Во текот на следните денови, преку зачестена комуникација со јавноста ќе информираме за новите одлуки и мерки – изјави министерот Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.