Mинистерот за здравство, Венко Филипче, вели дека препораката е во новата учебна година само децата од првите три одделенија физички да присуствуваат во училиштата. За време на одморите да не се излегува од училниците, а со настава да почнуваат со временска дистанца од 10 минути.

Филипче, во гостувањето во ТВ Сител, посочи дека изготвените протоколи се базираат на истите принципи на превенција од болеста, а тоа е носењето маска, седењето на дистанца и задолжително почесто миење и дезинфекција на рацете.

Има многу барања и размислувања и многу дилеми, пратиме и гледаме многу искуства од многу земји во светот, но ние одлучивме и тоа само така може да биде, приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните, така како што беше до сега во однос на сите воведени и имплементирани мерки, а сега во однос на заштита на здравјето на најмладите, почетокот на шкослката година како еден сериозен ризик да се влоши епидемилошката ситуација, заради тоа што огромен број деца би биле во една затворена или повеќе затворени простории со шанса и можност да комуницираат многу интензивно, повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе – изјави Филипче.

Како што вели министерот, главната препорака е да има физички присутни деца само од првите три одделенија, со цел да се намали бројот на деца кои би присуствувале во училиштата. Притоа, додаде, сигурно ќе се среќаваат за време на влезот, за време на крајот на денот, за време на одморите.

Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и овие три одделенија кои ќе почнат, односно прво, второ и трето одделение да почнуваат во различно време со временска дистанца од 10 минути за да не се среќаваат на влезот, ниту пак на крајот на часовите. Сакаме да ги избегнеме оние лоши сценарија кои ги видовме во земјите кои ги отворија целосно училиштата – изјави Филипче.

Како што додаде тој, анализа покажала дека децата заболуваат со најлесна форма и најмалку процентуално, под 4 проценти се заболени најмалите деца до 9 години.

Нашата анализа покажала дека најлесна форма и најмлаку процнетуално, под 4 проценти се заболени најмалите деца до 9 години. Затоа воведуваме вакви ригорозни мерки кои мора да се почитуваат. Треба да се постапи вака затоа што тоа е најсигурниот начин за спречување на ширење на вирусот – изјави Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.