Министерот за здравство Венко Филипче преку „Фејсбук“ му се обрати на директорот на Центарот за јавно здравје Д-р Арбен Зибери кој денеска се пофали дека преку Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите и иселениците да дојдат да гласаат.

Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер, напиша Зибери на Фејсбук.

Филипче прво ја демантираше изјавата на директорот и посочи дека ќе се консултира со правниците доколку во овој период може, директорот денеска да биде сменет.

Предмалку, пак, му го пиша следното:

Директоре Зибери,

Tоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.