Македонија ќе чека потврда дека вакцината „Астра Зенека“ е безбедна за лица помлади од 60 години и затоа властите најавуваат дека се крајно внимателни и претпазливи. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе има состанок со Комисијата за безбеднист во Агенциијата за лекови МАЛМЕД.

Ние одлучивме да бидеме внимателни и да одиме полека но сигурно и во таа смисла ќе чекаме дефинитивна потврда дека вакцината е безбедна. Веќе денеска Германија има и други најави дека ќе се продолжи со вакцинацијата, но после консултација со лекар, но затоа сакаме да бидеме навистина претпазливи. Денеска имаме закажани состаноци со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови МАЛМЕД, со коишто сакаме да размениме соодветни информации евентуално да се обратиме до Европската Агенција за Лекови и директно до Германското Министерство за здравство. Станува збор за тромботична реакција како резултат од вакцината Астра Зенека кај помлади луѓе и тоа е една реакција на тромбоцитите послешто се ствараат мали згрутчоци на крвта. Станува збор за исклучително мал број на случаи, некаде од 1 на 120.000 до 1 на 1.000.000 но повторно ќе кажам иако се ретки ние сакаме да бидеме многу претпазливи – изјави денеска Филипче.

Тој повтори дека вакцината на Астра Зенека е безбедна за возрасните групи граѓани со кои денеска почна имунизацијата на населението, во поголемите градови, а во петок ќе почне и во помалите места, односно на територија на цела држава.

Први почнаа да се вакцинираат граѓани над 77 години.

Последните информации кои во текот на вчерашиот ден стигнаа од страна на регулаторните тела од Германија и Канада, излегоа со препораки и одлучија дека оваа вакцина привремено да ја користат само кај популација постара од 60 години.

Иако бројот на лица кај кои се појавиле несакани ефекти е многу мал односно 1 на 125.000 и 1 на 1 милион, сепак поради предострожност бидејќи сакаме да сме сигури нема да почнеме со вакцинација на помлади граѓани од 60 години со оваа вакцина, рече министерот.

За граѓаните кои веќе ја примиле вакцината во Србија, Филипче рече дека засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави. Станува збор за многу ретки случаи со несакани ефекти, а сите граѓани кои примија една доза вакцина ќе бидат и ревакцинирани , согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период.

Вакцинацијата со помладата категорија граѓани ќе продолжи кога ќе имаме сигурни податоци, потенцираше минситерот.

Во Македонија има регистрирано досега еден случај на девојка којашто има 28 години и таа од вчера се наоѓа на болничко лекување со тромботичен ефект којшто се поврзува со примање на една доза на вакцината Астра Зенека, која ја примила во Србија.

Имајќи го се ова предвид, ставовите на овие сериозни Агенции за лекови, Германија и Канада ќе бидеме внимателни и ќе видиме во која насока ќе продолжиме. Искрено верувам дека ќе се потврди уште еднаш дека бенефитот од вакцината во смисла на тоа да ризикот да се заболи од тешка форма на ковид е многу поголем од ризикот да се добие некаква таква компликација дека ќе може да продолжи, но повторно ќе кажам, нема да брзаме дефинитивно ги чекаме сите препораки од официјалните институции, вклучително можеби и некаква препорака од производителот – рече Филипче.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.