Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека дел од дополнителните мерки може да се насочени само на некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава.
Ќе се предложат дополнителни рестриктивни мерки по евалуација на ситуацијата во следните денови и викендов, во понеделник ако има потреба ќе бидат предложени до Владата. Мерките се однесуваат на ограничување на капацитетот до 50 проценти во јавниот превоз, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот.
Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле, исто така, е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно со тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции, рече министерот за здравство.
Проблемот со чекањето за тестирање на сомнителните и со симптоми треба да биде надминат со брзите тестови, во наредните денови се очекува донација од 7 500, а ќе се набавуваат и со пари од заемот од Светска банка.
За училиштата засега не се размислува за предвремен зимски распуст, зашто е мал бројот на заразени деца во градинките и училиштата и во изолација се одреден процент. Но може, рече Филипче, да се смени функционирањето на наставата со физичко присуство за одредена општина или регион, според епидемиолошката состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.