Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека од утре ќе почнат да бараат согласност од родителите за спроведување на скринингот во училиштата.

Моделот за скринингот е готов, задоцнивме една недела. Методологијата сега е подготовена и од утре ќе почнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите. Очекувам скринингот да се спроведе до крајот на идната недела, рече Филипче по настанот за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива, како и коскена срцевина во лекување и спасување човечки животи.

Познато е колкава ќе биде бројката на учениците кои ќе учестуваат во скринингот.

Се знае колкава е бројката, во кои класови и во кои училишта ќе се спроведе скринингот, согласно бројката на училиштата во општините и ученици во тие училишта, основни и средни. Апелирам родителите да го прифатат скринингот, не е тоа ништо страшно, се зема обичен брис, исто како земање брис за детектирање на други причинители на горно-респираторни инфекции. За пократко време ќе имаме пресек, слика на епидемиолошката ситуација, која сега е прилично мирна, рече Филипче.

Тој додаде дека во моментов има меѓу 10 и 15 хоспитализирани деца кои се во Козле и дека во ниту една друга болница во Македонија не се лекуваат деца позитивни на ковид-19.

Нема податоци за трансмисија во училиштата, но битно е да знаеме дали би откриле евентуално асимптоматски носители на вирусот, рече Филипче.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) најмалку заболени од ковид-19 од 27 септември до 3 октомври има кај децата и младите, односно кај возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.