Со денови сите „оператори се зафатени“ за закажување термин за издавање лична карта и пасош. Регистарски таблички нема неколку месеци. Единствен начин легално да се управува ново возило е сопственикот да извади пробни таблички кои траат 5 дена, но тие може да се извадат најмногу двапати.
Наместо да добијат сите, свидетелства им се издаваат само на полуматурантите и матурантите за да може да се запишат во средно или на факултет. Граѓани се жалат дека во последниов месец имаат тешкотии да извадат лични документи како лични карти и пасоши, а повеќе од три месеци не можат да обезбедат ниту регистарски таблички за автомобили. Со крајот на учебната година се појави уште еден проблем, а тоа е недостиг од свидетелства во основните и средните училишта.
Скопјанец вели дека се обидува цел месец да закаже термин за лична карта и пасош преку телефонскиот број 072 92 92 92, но не може ниту да добие оператор за да се информира за слободни термини и времетраењето на изготвување на патната исправа.
„Секојдневно ѕвонам на телефонската линија која е објавена на веб-страницата на МВР и секогаш се случува истото – сите оператори се зафатени. Не можам ниту да се информирам за да знам дали воопшто ќе имам термин, а личната карта и пасошот ми истекуваат за неколку недели“, вели соговорник.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека проблемот со вадење лични документи е поради надградба на системот, но дека од денеска граѓаните можат да ги добијат овие услуги.
„Поради надградба на системот, не работеа службите за издавање лични документи и за тоа навремено и соодветно ја известивме јавноста со понудени термини како замена за граѓаните кои нема да можат да ја добијат услугата во овој период. Од денеска службите повторно работат и граѓаните можат да ги добијат услугите“, велат од Министерството.
Целиот текст на 360 степени
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.