Владата денеска на седница донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестициски проект на Друштво за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино.
Одлуката е донесена врз основа на предлогот на Комисијата за стратешки инвестициски проекти која што го разгледа целокупното барање и документација и изврши техничка, финансиска и правна процена на досието на проектот за проектот ‘Фабрика за производство на зелена енергија’ и врз основа на утврденото дека проектот ги исполнува условите согласно Законот за стратешки инвестиции да се стекне со статус на стратешки инвестициски проект, соопшти владината прес-служба.
Претходно граѓански активисти на јавна трибина во Неготино му посочија на премиерот Зоран Заев дека не сакаат т.н зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад во нивна близина. Премиерот, пак, ги убедуваше граѓаните дека фабриката ќе го реши загадувањето од нелегалните и дивите депонии, ќе се спречи емисијата на отровни гасови, ќе се запре загадувањето на почвата и подземните води, а ќе нема ниту неконтролирани пожари во депониите.
Според тоа што го објасни премиерот, станува збор за инселератор, ќе работи без оџак односно ќе биде од затворен тип, по примерот на Љубљана, Лондон и други европски градови. Заев кажа и дека се работи за целосно странска приватна инвестиција.
Според достапните податоци од Централниот регистар, сепак, единствен сопственик на „Зока Енерџи Солушн“, во моментов, е физичкото лице Филип Блажев. Компанијата е основана лани, со основачки влог од минималните 5 000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.