Објавата на претседателот Стево Пендаровски дека на Македонија и било понудено членство во Европската економска зона – но Пендаровски одбил – отвори многу прашања, пред се – што е тоа Европска економска зона, и дали потегот на Пендаровски е паметен.

Најважно да се знае за ЕЕЗ или ЕЕА е дека членството во оваа организација ги дава сите права како членството во Европската Унија – освен политичките права – како што е влијанието врз одлуките на ЕУ, учеството во Европската Комисија и Европскиот Парламент. Со други зборови, Македонците би добиле право слободно да патуваат, работат и основаат компании во сите земји членки на Европската Унија, и во земјите членки на ЕЕА – кои се Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Земјите членки на ЕЕА имаат слободна трговија со ЕУ, се подложни на економските регулативи на ЕУ, освен во земјоделието и рибарството, а можат и да влијаат врз овие одлуки.

Оттаму, членството во ЕЕА за граѓаните би било многу слично на полноправно членство во ЕУ, додека единствено незадоволени би биле потребите на политичарите да се сликаат на европските самити, на кои не би биле поканети. Затоа изјавата на Пендаровски дека на Македонија и била понудена ваква форма на интеграција, но ја одбила, прозвуче толку неверојатно.

ЕЕА е формирана врз основа на ЕФТА, како начин за економска интеграција на ЕУ со земји кои не се обидуваат да станат полноправни членки. Во ЕЕА членуваат сите земји членки на ЕУ од една страна – и „незаинтересираните“ соседи како Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Швајцарија се откажа од ова ниво на интеграција. Во моментов Велика Британија, која е во процес на напуштање на ЕУ, своите односи со Унијата ги регулира токму според правилата на ЕЕА – кога британските граѓани патуваат или тргуваат со ЕУ тоа го прават врз основа на правилата на ЕЕА. Велика Британија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн се обврзани да носат закони кои одговараат на законите кои ќе ги донесе Европската Унија, но во исто време ЕУ овие закони ги носи низ процес на консултација со членките на ЕЕА, па оттаму не се работи за директен „диктат“ од ЕУ кон трите самостојни членки на ЕЕА и кон Велика Британија.

Доколку Македонија и другите балкански држави станат членки на ЕЕА, овие правила би важеле и за нив. Македонија дури би можела да очекува и грантови преку ЕЕА – во моментов трите самостојни членки донираат кон 15 членки на ЕУ, но тоа е поради фактот дека Норвешка и Лихтенштајн се значително поразвиени од источно-европските членки. Македонија и другите балкански држави би биле меѓу најнеразвиените членки на ЕЕА, и секако текот на грантовите би бил во обратна насока.

Па, ако нешто е доволно добро за Норвешка и Велика Британија, зошто не би било доволно добро за Македонија?

Ова прашање го поставија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде побараа одговор од Пендаровски како е можно да одбил ваква понуда.

Членувањето во Европската економска зона е голем плус за државата додека чека влез во ЕУ, со што се олеснува трговијата и протокот на луѓе и стока. Одбивањето на ваква понуда е скандалозно. Државниот врв не смее да донесува одлуки на своја рака и за ваква понуда мора да се консултира со граѓаните. Пендаровски и Заев да кажат зошто ја одбиле понудата и од чии странски интереси се воделе? – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од кабинетот на Пендаровски инсистираат дека идејата да се отфрлат вакви форми на интеграција и да се бара единствено и исклучиво полноправно членство во ЕУ била донесена заедно со опозицијата.

На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од страна на сите лидери, вклучително и од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, беше поддржан ставот дека на Македонија и е потребно членство во Европската унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економската интеграција и е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности – владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови слободи и права – велат од кабинетот на Пендаровски

Но, ова се однесува на време кога Македонија можеше да се надева на полноправно членство. Со актуелната блокада од Бугарија, перспективите за членство стануваат се подалечни, додека, пак, во исто време, постои можност за далеку побезболна интеграција која ќе ги донесе приближно истите придобивки како членството во ЕУ – барем за граѓаните, дури и ако политичарите останат покуси за неколку можности да пропатуваат до Брисел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.