Македонија треба да почне преговори со ЕУ, изјавила во интервју за БНР, Натали Лоазо, европратеничка од либералната група „Обнови ја Европа“ и поранешна француска министерка за европски прашања.
Лоазо, која е од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, и чија земја го презема ротирачкото претседателство со ЕУ од јануари 2022 година, смета дека на Скопје треба да му се даде сигнал.
- „Очигледно е дека треба да има дијалог, како и решение. Никој не вели дека утре, во 2022 година, Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме – да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес“, изјавила Лоазо.
Запрашана дали постои француска иницијатива за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, Лоазо не одговорила директно.
„Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија’. Тоа ќе создаде непријателство кон Европската унија во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму“, изјавила Лоазо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.