Еврокомесарите за правда и за миграција, Вера Јоурова и Димитрис Аврамопулос, ќе учествуваат на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан посветен на правдата и внатрешните работи, што ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 ноември, соопшти Европската Комисија.

В понеделник, комесарката за правда Јоурова ќе учествува на состанокот на кој ќе се дискутира за владеењето на правото и судските реформи, како и за условите во затворите и употребата на алтернативни санкции. Јоурова истиот ден ќе одржи и дебата со студентите од Правниот факултет.

Во вторник, еврокомесарот за миграција Аврамопулос ќе биде дел од министерскиот состанок за внатрешни работи на кој ќе се разговара за соработката во делот на миграциската политика и граничното управување помеѓу ЕУ и регионот.

На дневен ред ќе се најде и борбата против тероризмот, борбата против организираниот криминал и спречувањето на насилниот екстремизам.

На маргините на министерскиот состанок Аврамопулос ќе потпише два аранжмани кои ќе овозможат спроведување на заедничкиот план за борба против тероризмот помеѓу ЕУ и Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.