Актуелниот министер за транспорт и врски, од чиј ресор излезе новото законско решение за легализација на дивоградби, во 2015 година, како опозиционер и претседател на комисија во СДСМ, ја критикуваше тогашната власт на чело со Груевски дека донела штетен и апсурден Закон за постапување со бесправно изградени објекти, коментира „360 степени“.

Очигледно, на крајот од мандатот, власта на Груевски гледа да приграби се што може. Владејачкото мнозинство експресно си изгласа можност за легализација на дивоградби што се изградени во крајбрежни заштитени подрачја, покрај природни и вештачки езера, речни корита и слично. За полесна легализација, со спорните измени е предвидено да се прескокнат локалните самоуправи и Министеството за животна средина.

 

Вака актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, пред околу шест години, го критикуваше тогашното владејачко мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, додека премиер беше Никола Груевски, откако тогашниот парламент ( во кој СДСМ беше во опозиција и речиси една година не учествуваше во неговата работа), донесе Закон за постапување со бесправно изградени објекти, во „пакет“ со уште стотина други закони што беа изгласани по скратена постапка.

„Само за неколку дена, власта на Груевски направи измени по скратена постапка на над 250 закони, меѓу кои и на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Само вчера беа направени измени на 120 закони по скратена постапка и сега е јасно зошто. Да се присвои се што може пред враќањето на опозицијата во Собранието, која вакво насилие врз грбот на граѓаните нема да дозволи. Ова ќе предизвика големи штети врз природните богатства, но ќе се создаде и урбанистички хаос од кој за интересите на поединци ќе страдаат голем број граѓани“,

изјави Бочварски, на прес-конференција во авгус 2015 година, непосредно пред враќањето на опозицијата во Собранието, а од позиција на претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.

Бочварски, како опозиционер, предупредуваше дека објектите што ќе бидат легализирани нема да бидат вклопени во планската документациј и за нив нема да биде формирана градежна парцела.Со тоа што ваквите објекти нема да влезат во урбанистичките планови, како што предупредуваше, во реоните во кои се наоѓаат нема да биде можно да се градат водоводи, канализации, улици, патишта и ќе се закочи целиот развој на регионите околу езерата.

„По стапувањето на сила на ова криминално решение, следно што може да се очекува се нови приватни плажи на брегот на Охридското Езеро и тоа во моменти кога од албанска страна се рушат објектите на брегот на езерото, за и појасот на плажите да се стави под заштита на УНЕСКО. Предупредуваме дека последиците од реализацијата на штетниот и апсурден закон може да бидат катастрофални“,

алармираше во тоа време сегашниот министер за транспорт и врски и поранешен градоначалник на Штип.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.