Групата на Европската народна партија (ЕПП) во Европарламентот во пресрет на денешниот Самит ЕУ – Западен Балкан повика на поддршка и зајакнување на европската перспектива на земјите од западнобалканскиот регион.

ЕПП, која е најбројна пратеничка група во Европарламентот, очекува на Самитот да се потврди почетокот на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Сега е време за единство. Почетокот на пристапните преговори е всушност одбрана на нашиот начин на живот и на нашето влијание во светот. ЕУ мора да биде доверлив и транспарентен партнер, порачуваат од групата на европските конзервативци и демохристијани.

ЕПП воедно му изразува признание на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ затоа што за време на претседавањето со ЕУ „успеал да го одржи Западниот Балкан меѓу приоритетите на Унијата“.

Унгарската европратеничка од редовите на ЕПП, Кинга Гал смета дека во овие времиња полни со предизвици важно ЕУ е да биде со Западниот Балкан.

Солидарноста е клучна, порача Гал.

ЕПП укажува и на геополитичките последици на пандемијата со Ковид-19 и предупредува дека не смее да се дозволи Западниот Балкан да „западне во стапицата на руските дезинформации“.

Портпаролот на ЕПП задолжен за надворешна политика, Михаел Галер потенцира дека регионот на Западниот Балкан има подобра иднина во ЕУ.

Ние Европејците мора да ја претвориме корона кризата во можност и заеднички да ги решаваме последиците од пандемијата, изјави Галер, додавајќи дека најавениот пакет помош од ЕУ за справување со Ковид-19 претставува „позитивен развој на настаните“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.