Епидемиолошките служби мора да бидат поажурни, бидејќи голем е бројот на пациенти кои се на домашно лекување и вториот тест за ковид-19 го чекаат повеќе од една недела, смета професор д-р Зоран Спировски од Клиниката за торакална хирургија.
Македонија веќе седма недела се бори со епидемијата од корона-вирусот кој ја зафати цела планета и вчера првпат министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека во еден ден 42 лица се оздравени од ковид-19. Од Инфективната клиника си заминале 10 оздравени пациенти и 32 пациенти (12 во Дебар, 20 во Скопје) кои се лекуваа во домашни услови.
Вкупно досега се излечени 86 пациенти за седум недели од кога трае кризата, а 44 се починати.
Ако навреме се земаат брисеви на пациенти кои се на домашно лекување и навреме се обработат резултатите, мислам на последните два последователни теста, односот меѓу починати и излечени ќе се подобри. Засега тој однос не е најдобар. Проблемот е во ажурноста на епидемиолошките служби. Голем е бројот на такви пациенти кои за вториот тест чекаат по една недела и повеќе, вели за „Република“ проф. д-р Спировски.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 908 лица, од кои 86 излечени и 44 починати, 778 се активни. Бројката на заразени здравстени работници e 122, од кои седум се оздравени се вратени на работните места.
Се работи за респираторен вирус, тој го напаѓа човечкото тело по дишните патишта. Ако е некој во близина на заболен и обајцата се незаштитени и на блиска дистанца, заразата ќе се шири. Ако рацете не се дезинфицирани и се допрат очите и усните по некоја случајност, тогаш исто така може да се зарази, смета проф. д-р Спировски.
Во светски рамки смртноста од ковид-19 е поголема кај лица постари од 70 години, кај нас дел од жртвите се помлади. Го прашавме проф. д-р Спировски дали имуниот систем на болниот, односно заразениот со ковид-19 е пресуден во неговото заздравување и во конечниот исход.
Се зависи од тоа каква била општата состојба на заболените во смисла на коморбидитети. Здравиот имун систем имам многу големо значење во дефинитивниот позитивен исход од заболувањето, вели д-р Спировски.
На Инфективната клиника се хоспитализирани 57 лица, седум се на механичка вентилација, а 14 се на кислородна поддршка соопшти вчера министерот Филипче.
Во Градската општа болница „8 Септември“ има 27 пациенти, а шестмина се на респираторна машина. Во Битолската болница има петмина во добра состојба, а кај тројца деновиве согласно протоколот ќе се направи првиот контролен брис. Во Штип има осум пациенти, сите се стабилни освен еден пациент кому повремено му треба поддршка.
Со оглед дека најмногу умираат пациенти кои се на респиратор, треба да се пристапува мултидисциплинарно во делот на водењето на тие најтешки пациенти и максимално да се почитува соодветниот конзилиум, заврши проф. д-р Спировски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.