Експертската јавност запрепастена откако обвинителката Вилма Рускоска не ја промени класификацијата на кривичното дело за настаните од 27 април 2017-та година во Собранието. Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, пред камерата на Алфа како пример го зема случајот на Игор Дурловски, каде Рускоска кажа дека делото го сторил со потпалувачки говори, но Јошевска Анастасовска вели дека доказ за такво нешто нема.

Кога ги образложуваше доказите во врска со ова не посочи ниту еден доказ држел потпалувачки говори. А знаеме дека барем од телевизијата и она што на јавноста ни беше достапно, знаеме дека внатре во Собранието, Дурловски не држи никаков говор, дента не држи никаков говор ниту напред пред Собранието. И не е јасно, иако е широк поим што е потпалувачки говор, не беше даден ниту еден говор на Дурловски да видам дали било кој говор негов бил потпалувачки, изјави Јошевска Анастасовска.

Обвинителката Рускоска, која чекаше скоро една година од поднесувањето на обвинението да открие што кажал загрозениот сведок за овој случај, барањето за најмалку 10-годишна затворска казна за Дурловски, го темели врз исказ на сведоци. Според Јошевска Атанасовска исказот на сведокот Курто Дудуш е нејасен.

Вика, мислам, не сум сигурен… и самиот обвинител го кажа ова во завршниот збор. Кажал Курто Дудуш мислам дека беше тој, тоа не може во постапка, во кривичина постапка не може пресуда да се заснова на таков исказ, бидејќи сите можеме да мислиме за некој друг дека сме го виделе, ама не сме сигурни, изјави Јошевска Анастасовска.

Таа го коментираше и исказот на Александар Василевски Нинџа, кој исто така е обвинет во овој случај, кој вели дека Дурловски земал пари од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека неговото сведочење е рекла казала момент и не може на основа на тоа, да се запечати судбина на еден човек и целото негово семејство.

Тоа се вика во правото рекла казала момент, сега кога имате два сведоци, од кои едниот е со рекла казала момент, другиот нејасен и несигурен. Врз основа на тие два сведоци, не може да се заснова пресуда за вака тешка работа, не може никоја пресуда да се заснова, не па со која ќе се запечати судбината на еден човек и на целото негово семејство, изјави Јошевска Анастасовска.

Адвокатката смета доколку судот ги гледа доказите и суди правично, пресудите за обвинетите за настаните од 27 април ќе бидат ослободителни.

Извор: Алфа


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.