Експертите се на ист став со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е потребен реципроцитет во односните со Бугарија. Оваа тема се наметна откако претседателот на Бугарија, Румен Радев побара Бугарите да бидат впишани во македонскиот Устав како услов да добиме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Мицкоски смета дека доколку Бугарите влеат во Уставот тогаш е ред и Македонците да бидат во Уставот на Бугарија.

Александар Кржаловски вели дека тоа нема да реши проблемот меѓу Скопје и Софија бидејќи барањата од Бугарија се зголемуваат и нема гаранција дека со исполнување на ова барање на Софија ќе се деблокира европскиот пат на Македонија.

-Ако се бара од нас промена со вклучување на етничкото малцинство Бугари во Уставот, што не би било проблем за нас зашто имаме веќе такви случаи, но зошто тоа не се направи во Бугарија. Изговорот досега е дека тоа не е предвидено во бугарскиот Устав. Па не е предвидено и во нашиот. Да било предвидено ќе сме ги ставеле и Бугарите. Значи ние мораме да направиме измена на нашиот Устав за да се внесат тие. Зошто да не направат и Бугарите измена во нивниот Устав по тој принцип на реципроцитет. И сметам дека тие треба први да го направат тоа, да ни покажат дека тоа е европска пракса, вели Кржаловски за Сител

За разлика од ставот на Мицкоски и на експертите, премиерот и шефот на дипломатија немаат никаков проблем да ги вментат Бугарите во Уствот и притоа не споменуваат никаков реципроцитет. Разликата единствено е што Османи смета дека тоа треба да се направи веднаш, а Заев вели дека тоа ќе се направи пред влезот на Македонија во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.