Експертите и синдикатите не поддржуваат намалување на платите на вработените во јавната администрација, а уште помалку тие да се сведат на минималец од 14.500 денари, како што на Владата ѝ предложи владејачката СДСМ. Ова прашање деновиве ги разбранува духовите, а според експертите и синдикалните претставници на илјадната јавна администрација, посегањето по сите плати би било незаконско, зашто за тоа нема правна основа. Од друга страна, пак, и од експертите и од синдикалците доаѓа поддршка на предложената мерка на минималец од 14.500 денари за април и мај да се сведат премиерот, министрите, градоначалниците и другите функционери.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски во јавност го изнесе својот став дека државата може да им ја намали платата на функционерите, министрите, пратениците, но без правен основ тоа не може да го направи со платите на сите вработени во јавниот сектор.

По најавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека се работи на тоа како на министрите и другите функционери така и на сите вработени во државната администрација на локално и централно ниво за април и мај да им се исплатат по 14.500 денари, Давитковски реагираше со став дека платите на вработените во јавниот сектор не може да се намалуваат линеарно туку само со казни и дисциплински мерки. Никако, рече тој,  како што се предлага, незаконски, без направен ребаланс, без буџети и без одлуки.

Точно е дека имаме лица кои земаа плата и не одеа на работа, тоа го знаат и врапчињата. Но тоа е друго прашање, тоа требаше да се решава. Инаку ним не им е гајле дали ќе земаат 20 илјади денари или 14.500 денари. И така не одат на работа. Ама на останатите, на нас професорите, на судиите, секако ни е важно, изјави Давитковски.

Тој потенцира дека не би имало пречка за намалување на платите на функционерите.

Против намалување на платите на државните административци се изјаснија и Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, потоа Синдикатот на управата и правосудството – УПОЗ, кој дејствува во негови рамки, како и синдикатот на просветарите – СОНК и Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС.

Исплатата на минимална плата за администрацијата и јавниот сектор може да повлече и исплата и на минимална плата во целиот приватен сектор што ќе се одрази врз егзистенцијата на работниците, предупредија од ССМ.

Здравствената криза не смее да премине во криза на пазарот на трудот и истата да биде надминувана на грбот на работниците преку незаконски кратења на нивните плати во овие моменти кога има покачување на сите цени на сите производи, велат од овој најголем синдикален сојуз во државата.

Претседателот на ССМ Пеце Грујовски за весникот ВЕЧЕР изјави дека со минималецот од 14.500 денари на вработените во јавниот сектор, од кои 70 проценти примаат плата под просечната во државата, ќе им се загрози егзистенцијата, особено на големиот број  самохрани родители, оние кои живеат под кирија и слично. Тој побара да не се задира во платите помали од просечната и поддржа намалување на платите на министрите и другите функционери.

Од СОНК, пак, соопштија дека оваа мерка за нив не е солидарна и не е применета во ниту една земја во регионот.

Задолжете се, имате начин и можност, но немојте да не деградирате, и порачаа од КСС на власта.

Тие прашаа како е можно стопанството за само две недели да колабирало, а буџетот кој до скоро бил во топ форма наеднаш да издиши, па побараа од власта кога носи решенија поврзани со актуелната криза да консултира експерти.

Според предлогот на СДСМ, кој пред некој ден го објави Заев, а  за кој треба да се изјасни Владата, сите избрани и именувани функционери и раководители на државно и локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, градоначалници, директори, раководители, судии и обвинители за април и мај ќе земат минимална плата. Ова важи и за сите вработени во јавниот сектор, односно јавната  администрација на државно и на локално ниво, а исклучок се лекарите и медицинскиот и помошниот персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив за помагање за справување со коронавирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.