На територија на земјава до синоќа имаше шест активни пожари, од кои три со поголем интензитет, три други беа локализирани, а еден е ставен под контрола. Во Центарот за управување со кризи состојбата со пожарите се следи преку системот НИКС (Next generation incident command) кој дава податоци во реално време и кои потоа се дигитализираат, а како помош во справувањето со огнените стихии во земјава се вклучија и експерти за високоризични пожари од Франција, Црна Гора и САД.

Како што информираше вчера директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов на прес-конференција, НИКС системот служи за просторно прикажување податоци во реално време и дава визуална претстава за состојбите со пожарите.

– Пред нас ја имаме картата на Македонија, со кликање можеме да влеземе во кој било пожар, да видиме каков е неговиот статус, дали е изгаснат, дали е активен, дали е под контрола. Доколку е активен да видиме колку сили се на терен, колку припадници на противпожарните служби, од странските, домашните, колку припадници на полицијата и на Армијата се ангажирани, колку цистерни, колку возила, буквално сите информации ги имаме на дланка. Овој систем е во развојна фаза, но сега побарав да се забрза неговото финиширање и да биде ставен во употреба во служба на гаснењето на пожарите, појасни Ангелов



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.