Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 07:00 часот вчера до 07:00 часот денеска, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Македонија, од страна на МВР биле ангажирани околу 588 полициски службеници, реализирани 222 мото-патроли и користени 175 возила.

Од министерството за внатрешни работивелат дека на терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите.

На 09.08.2021 година поднесена е една кривична пријава од СВР Струмица во врска со пожар настанат на 08.08.2021 година, кај крстосница с.Дабиле-с.Сачево, против Д.К.(30) од с.Баница, за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 09.08.2021 година, во полициското одделение Велушина-Битола, во врска со пожар кој настанал на 09.08.2021 во атар на с.Кишава, на службен разговор во полициска станица биле повикани четири лица на возраст од 21 до 27 години, сите од с.Кишава и се работи на расчистување на случајот – се наведува во соопштението на МВР.

МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.