На 26 ноември лани, значи пред точно една година основачот и прв претседател на СДСМ, премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски, преку јавно обраќање до своите сопартијци објави дека го замрзнува членството во партијата. Повод беше скандалозното интервју на премиерот и партиски лидер, сега во оставка, Зоран Заев, за бугарската агенција БГНЕС во кое изнесе низа историски небулози и глупости за македонско-бугарските односи.
Уште тогаш Црвенковски побара од неговите сопартијци да се оградат од ставовите на Заев, знаејќи дека тоа не се ставови и тези на членството, партиското раководство, па и на членовите на Владата од СДСМ,aнализира „Пресинг ТВ“.
За потсетување, еве што меѓу другото им порача Црвенковски на своите сопартијци.
-Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв.
Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.
Реакциите на пооделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни. Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.
Но, и Заев, и раководството, и министрите останаа неми на предупредувањето. Напротив, со дрва и камења почнаа да фрлаат по Црвенковски во обид да го релативизираат неговото обраќање. Ниту одржаа Централен одбор, ниту се оградија од ставовите и тезите на Заев, изнесени во интервјуто.
И каде се наоѓа СДСМ денес, точно една година подоцна? Според менталната сељачка, ситно трговска матрица на Заев, дека по се што му направи на сопствениот македонски народ само ќе се „прошета“ на локалните избори, владејачката партија го доживеа најголемиот пораз, губејќи ги речиси сите урбани центри во државата, со исклучок на Струмица и скопски Центар. Издигајќи ги локалните избори на ниво на референдум, самиот се доведе во ситуација да поднесе оставка и на премиерската и на лидерската позиција.
Постапката за избор на нов претседател на СДСМ веќе започна и се уште е неизвесно дали во трката ќе учествуваат само Пуленот на Заев, Димитар Ковачевски, и екс-пратеничката Фросина Ременски или ќе им се приклучи и организацискиот секретар Миле Зечевиќ.
Самиот чин на фаворизирање на Ковачевски од страна на Заев непобитно говори дека тој не се залага за демократски внатрепартиски избори, туку сака на лидерската позиција да си постави свој „намесник“. Или, ако се користи некоја кралска терминологија, свој „регент“. И залудни се обидите на Ковачевски да се правда дека не е ничиј човек и оти има долг партиски стаж и способности за раководење на партијата.
Ако е така како што самиот вели, а партиските и провладините медиуми од петни жили го протежираат, се поставува едно, единствено и едноставно прашање-зошто како способен партиски кадар не беше поставен за министер за финансии многу порано, на пример на местото на Нина групер? Или таа имаше само задача да си ги повлече парите и да ја однесе Еуростандард банка во стечај за да се прикријат трагите од криминалот на „фамилијата“?!
Ова практично е доказ за „кадровската политика“ и во партијата и во Владата на Заев. Нему не му требаат способни кадри, туку послушници и решенија од кои може да извлече само личен бенефит, по што ги „фрла“ како неупотреблива стока. Филипче, на пример, не му требаше за серизно справување со пандемијата, туку за потребните одобренија за законско одгледување марихуана. Фросина Ременски не му требаше за вистинска контрола на безбедносните служби, туку за параван за соработката со Бојан Јовановски, па и го спакуваа „Меѓународен сојуз“.
Т.н. скопско партиско крило одамна го имаше „прочитано“ Заев и затоа не беше чудно што речиси ниту едно звучно експертско и интелектуално име не чекаше ни миг да седи заедно со Заев во партијата, туку веднаш се тргна на страна. И за тоа дојде време Заев да го плати цехот. И не само тој, туку и целото партиско раководство и десетиците, па и стотиците „изгорени“ кандидати за градоначалници и советници.
Индикативно е што и двајцата кандидати, и Ковачевски и Ременски, во своите изјави меѓу приоритетите го ставаат обединувањето, што значи дека партиското ткиво е целосно ерозирано и само Господ знае кој со кого се ќе треба да се помирува и обединува. Ако на ова се додаде и интенцијата на Ковачевски за, како што вели, ангажман на експерти, кои треба да се приклучат и во Владата и во партијата, тогаш паѓаат во вода сите тврдења на Заев дека досегашната работа ја темелел на експерти, што значи уште една негова лага за јавноста.
И во односите со Бугарија дојде до израз предупредувањето на Црвенковски. Не само што пропадна цела година, туку повеќе од очигледно е дека Заев жешкиот костен целосно му го препушти на ДУИ, иако директно станува збор за македонскиот идентитет. Ако се имаат предвид непроменетите бугарски барања за официјален почеток на преговорите за членство во ЕУ, дури фрапантно делува леснотијата на изјавите, што стигнуваат од главните експоненти на ДУИ, Артан Груби и Бујар Османи.
Груби, на пример, „се истакна“ со две изјави. Првата, дека „имаме предлози со кои ќе ја удоволиме Бугарија“. Се додека јавно не ги обелодени тие предлози, Груби може да ја удоволи само сопствената сопруга, се разбира ако плива во брачните води. Ако не, многу подобро ќе му е да го „намали доживувањето“.
И втората, парафразирано, дека ако не се договориме со Бугарија и не почнеме преговори за членство во ЕУ, може да дојде до дестабилизација и безбедносни проблеми во државата. Ова е само едната страна на паричката, а другата е дека и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди на речиси истото, но за целиот Западен Балкан.
Но, проблемот не е во тоа, зашто се се сведува на ветувањата на Зоран Заев и тоа што го потпиша во Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Софија, оставајќи во политички аманет различно толкување на терминот „заедничка историја“. Народот не попусто рекол дека тоа што еден будала ќе го направи, не можат ни милион паметни да го поправат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.