Цела година помина откако излезе аферата „Леонардо“ тешка 7 милиони евра, а нема епилог! Драги Рашковски му заврши секретарувањето во Владата без правен епилог за местење тендер!, потсетија денеска од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека лани на 4 јули постапка отвори Државната комисија за спречување корупција, а на 19 септември постапка отвори Јавното обвинителство.

И нема епилог, мандатот му заврши, случајот се забошоти, а Драги Рашковски може да се врати пред студентите на Правниот факултет Јустинијан први! Каква фарса, каков дебакл на правниот систем, каков апсурд за сите студенти на право!, рече портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.

Како што кажа Стоилковски, во оваа правната фарса, фактите се овие:

Рашковски не беше и не е приведен, ниту притворен. До крај остана Генерален секретар на влада. До сега имаше над позиција да влијае врз сведоци и докази. Скандалот е меѓународен. Му се остави простор тој да се заканува и гони медиуми, новинари и опозициски функционери. И тоа се случи! Му се остави до крај можности за повторување на делото, особено што беше задолжен и за решавање на спорните моменти со дел од ваучерите – изборниот поткуп среде епидемијата!, рече Стоилковски.

Тој потсети на случајот во кој Рашковски доделува тендер на италијанската компанија Леонардо за набавка на систем за управување со воздушен простор во вредност од 7 милиони евра, иако важноста на тендерската документација е истечена, тоа е спротивно на заклучок на влада, како и спротивно на одредени законски решенија, за кои како што вели во снимките треба да бидат сменети. Постојат сериозни индиции дека Рашковски сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 според кој се предвидува затворска казна од најмалку 5 години.

И тоа и овој предмет се уште стои во место. Џабе што предвидува, кога никој не смее да спроведува, ако се работи за луѓе блиски и кадри на Зоран Заев!, потенцираше Стоилковски.

Јовески и Рускоска, додава тој, требаше до сега да имаат барем одговорено:

1.Како е можно да биде доделен тендер на компанија со истечена тендерска документација?

2.Како и дали Рашковски го повлекол заклучокот на владата за кој претседателот на М-НАВ укажува дека е спорен?

3.Кои закони и подзаконски акти Сугарески и неговиот шеф на кабинет ги испратиле во Собранието за изменување и што се требало да се смени за да можат да го доделат тендерот на договорената фирма?

4.Што вели наодот од Бирото за судски вештачења кој што се крие од компаниите учеснички на тендерот?

5. Зошто Рашковски беше оставен во позиција со простор да го повтори делото и да влијае врз сведоци и докази?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.