Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера потпиша договор за донација во висина од еден милион денари со првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

Со договорот Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донира на Министерството за внатрешни работи еден милион денари кои ќе бидат искористени за набавка на средства и опрема за извршување на активностите на министерството за превенција, спречување и ширење на корона вирусот.

Oвој чин на донација од еден милион денари што министерството ја добива од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во насока на натамошно обезбедување разни заштитни средства за потребите на полициските и други службеници на министерството е еден одличен пример за меѓусебна поддршка и помагање во реализирањето на заедничките цели за заштита на нашите граѓани и на нашето општество.

За Министерството за внатрешни работи е значаен овој потег на Агенцијата, не толку заради фактот што добиваме одредена финасиска поддршка, туку многу повеќе заради фактот што се почитува и вреднува улогата и досегашните напори на полицијата во справувањето со епидемијата.

Министерот Наќе Чулев во свое и во име на министерството за внатрешни работи уште еднаш изразува благодарност до пријателите од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за несебичната и значајна помош која што се разбира е повеќе од добредојдена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.