Со скандирање „УЧК, УЧК”, карта на голема Албанија и транспаренти пред Кривичниот суд Здружението за политички затвореници, заедно со Советот на семејства на лица кои се осудени и затворени, вклучувајќи ја и групата осудена за вооружениот напад во “Диво Насеље” бараа правда за осудените за тероризам од настаните во кумановско „Диво насеље“.

Најавениот протест се организира по под мотото „Против двојни стандарди и против дискриминација и сегрегација на Албанците”.
Учесниците во протестот тргнаа од пред споменикот на Скендербег, а пред Кривичниот суд каде што беше крајната цел, преку разглас упатија пораки преку кои бараа правично судење за лицата инволвирани во случајот, а од судиите да ги имаат предвид доказите кои биле отфрлени.

По кратките пораки, во придружба на полицијата чие присуство беше видно зголемено, демонстрантите се повлекоа кон плоштадот, од каде што тргнаа.
Во „Диво насеље“ беа обвинети 37 лица за тероризам од кои во 2017 година 33 беа осудени, а за четворица беше донесена ослободителна пресуда. Од осудените за осуммина беше изречена казна доживотен затвор, 13 добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Вооружениот напад врз полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, а 37 полицајци беа ранети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.