Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев побарал од Судскиот совет на судиите-поротници да им биде продолжен мандатот „од аспект на исклучителниот јавен интерес а во правец на обезбедување на владеење на правото“, но доколку Судскиот совет не одлучи за продолжување на мандатот, да отпочне постапка за престанок на функцијата судија поротник, информира Судскиот совет поради зголемениот интерес на јавноста во врска со истекот на мандатот на двајца судии-поротници во предметот „ТНТ“ кој се води пред Основниот кривичен суд Скопје.

Во соопштението објавено на интернет страницата на судот Судскиот совет потсетува дека во согласност со членот 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите предвидено е дека на судија-поротник му престанува функцијата  со навршување на 60 години старост, па оттука Судскиот совет донел заклучок на првата наредна седница да го констатира престанокот на функцијата судија-поротник на наведените судии-поротници во Основниот кривичен суд Скопје.

Денес во 11,02 часот од страна на претседателот на Основен кривичен суд Скопје е доставен допис со  кој бара на судиите поротници да им биде продолжен мандатот од аспект на исклучителниот јавен интерес а во правец на обезбедување на владеење на правото, но доколку Судскиот совет не одлучи за продолжување на мандатот да отпочне постапка за престанок на функцијата судија поротник.

Согласно член 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите е предвидено дека  на судија поротник му престанува функцијата  со навршување на 60 години старост.

Согласно член 53 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија е предвидено дека Советот престанокот со решение го констатира на првата наредна седница.

Судскиот совет одржа работен состанок и имајќи ги предвид наведените законски одредби  донесе заклучок согласно кој престанок на функцијата судија поротник на наведените судии поротници во Основниот кривичен суд Скопје ќе констатира на првата наредна седница, пишува во соопштението објавено на интернет-страницата на судот.

Барањето на Џолев доаѓа во момент кога очите на јавноста се завртени кон случајот „ТНТ“, кој предизвика голем интерес поради однесувањето на судечкиот совет, на чиешто чело е судијата Огнен Ставрев. Благодарение на темпото со кое ги закажува рочиштата овој случај со право го доби епитетот контроверзен. Барањето на Џолев, пак, само го дополнува впечатокот.

Барањето на претседателот на Кривичниот суд упатено денеска до Судскиот совет несомнено претставува негово искупување пред законот и јавноста. Со други зборови, Џолев бара од Судскиот совет да постапи противзаконски, а ако баш не може, тогаш да постапи законски?!

Од друга страна, нејасно е зошто Џолев дури денеска се сети да го испрати ова барање, кога и самиот многу добро знае дека обемни случаи како овој извесно траат по повеќе години, а од 150 поротници токму овие двајца се избрани дури во седум. Ваквото однесување на претседателот на Кривичниот суд несомено упатува на тоа дека Џолев се спасува од лична одоворност, но тоа го прави и Судскиот совет „постапуваќи по закон“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.