Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за утре во 11 часот ја закажа седницата со единствена точка на дневен ред – утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието.

Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, тој повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.

Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието.

Лидерот на СДСМ и мандатар за составување на влада Зоран Заев денеска изјави дека предлогот за новата влада ќе биде доставен откако ќе се изберат потпретседателите на Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.