Измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавни обвинители се усвоени во согласност со Деловникот и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, велат од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Реакцијата доаѓа по прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на која посочи дека спикерот Џафери првично рекол дека за носење на законот е неопходно апсолутно и Бадентерово мнозинство, а потоа не побарал изјаснување на пратениците припадници на немнозинските заедници.

На видео-снимката од тој дел од 135. седница навистина се слуша како претседателот на парламентот, пред гласањето, наведува дека е потребно и Бадентерово мнозинство, а потоа констатира дека законот е донесен без двојно гласање.

Објаснувањето е дека на интервенција на генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, која седи во негова близина, Џафери се коригирал и не побарал второ гласање.

Од кабинетот на Талат Џафери се повикуваат на член 11, став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, каде се наведени законите што се гласаат со Бадентер, а меѓу нив го нема Законот за Советот на јавни обвинители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.