Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќањето пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент во Брисел, порача дека без одложување треба да се одреди датум за одржување на првата Меѓувладина конференција, со која ќе се означи формалниот старт на преговорите за Република Македонија.
Секое одложување сериозно ќе се одрази на политичко-економската ситуација во нашата земја, но и ќе има свое влијание и на останатите земји во регионот кои споделуваат исти или слични отворени прашања со своите соседи – истакна Џафери.
Џафери посочи дека Република Македонија во изминатата декада се нашла во еден исклучително сензитивен период, на внатрешен и на надворешен план. Џафери изјави дека во однос на европските интеграции, земјата постигнала импресивен напредок во приоритетните области, кој од темел променил одредени сектори во нашето општество и значително ги унапредил односите со соседите за надминување на отворените прашања.
Тој изјави дека таа посветеност придонела за добивање зелено светло од страна на Советот на ЕУ за отпочнување на преговори за членство.
За жал, наместо преговори сега се соочуваме со застој заради одредени билатерални барања. Наш став е дека договорната рамка со Република Бугарија дава соодветна основа за понатамошна соработка и ние сме подготвени за надминување на ситуацијата согласно меѓународните стандарди – изјави Џафери.
Петседателот на Собранието нагласи дека овие случувања не треба да имаат влијание на отворање на преговорите за членство.
Доколку сме перцепирани како регион кој произведува повеќе историја отколку што може да ја консумира, не смееме да дозволиме таа историја да ја проголта иднината на новите генерации за кои главните животни постулати се базираат на развиена економија, повеќе работни места, дигитална технологија, здрава животна средина, образование и иновации, слободен проток на лица, капитал и услуги. Вложивме премногу жртва, време, енергија и политички поени за да го испорачаме ветеното, не само поради барањата на европските институции, туку и заради фактот што процесот на проширување се покажа дека е двигател на реформите во сите пори на нашето општество – изјави Џафери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.