Претседателот на Спбранието Талат Џафери нема да закаже седница за судбината на СЈО пред изборите иако има формална можност, затоа што, како што рече на брифингот со новинарите, пратениците ги злоупотребуваат тие седници.

Тој најави дека ќе закаже седница по вториот круг на претседателските избори, односно по 6 мај.

Тоа нема да им го допуштам. Нека контактираат партиите овој период, нека се договорат и нека ги надминат разликите за СЈО. Нема проблем да закажам седница по 6 мај, кога ќе бидат завршени претседателските избори, рече Џафери.

Според него, брзањето да се протурка Законот за јавното обвинитество, со кој треба да се регулира статусот на СЈО, е на инсиситирање на премиерот. Но иако на Заев му се брза, Џафери смирува дека дури и да се договрат деновиве власта и опозицијата, нема потреба да свикува „вонредна“ седница од понеделник кога Собранието веќе нема да работи поради почетокот на кампањата.

Џафери вели дека реформските закони нема да задоцнат ако почекаат да завршат изборите, зашто Европската комисија ќе го одложи Извештајот за Македонија, заради изборите за Европскиот парламент.

Инаку, работните тимови на власта и на опозицијата денеска во 18 часот треба да одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.

Претседателот на Собранието Талат Џафери упати апел за фер и регуларни избори до граѓаните, политичките партии, но и до кандидатите за претседател пред почетокот на кампањата за претстојните претседателски избори, која официјално стартува на 1 април, бидејќи тоа е во интерес на државата и еден од условите за датум за преговори со ЕУ.

Првично апел до сите граѓани на РСМ да ја искористат својата можност и право да излезат на избирачките места, да го искористат правото на глас и со тоа фактички да придонесат кон почетната регуларност на целиот процес. До политичките субјекти кои директно или индиректно ги поддржуваат кандидатите за претседател на државата, апел до нив со своите постапки и изјави да не придонесуваат кон вжештување на предизборната кампања, но да имаат соодветно ниво на политичка култура во меѓусебната комуникација, односно комуникацијата едни кон други и со граѓаните, рече Џафери во изјава за медиумите по редовниот брифинг.

Во апелот до кандидатите за претседател тој се повика на нивниот интелектуален кредибилитет.

На крајот апел и до самите кандидати имајќи предвид дека во контекст на нивниот интелектуален кредибилитет ги имаат сите предуслови тоа и да го рефлектираат во кампањата и со интелектуалниот пристап кон граѓаните да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација, подвлече Џафери.

Ова е рече, во општ интерес на граѓаните на РСМ, во интерес на нашата држава во контекст на атлантските и евроинтегративни процеси имајќи предвид дека еден од предуслосвите за добивање датум ќе биде и оценката за изборниот процес.

И во тој контекст се надевам дека сите учесници ќе придонесат оценката да биде што попозитивна за сите нас, рече претседателот на Парламентот Џафери.   

На средбата со новинарите запрашан што доколку не биде постигнат цензус во вториот круг од изборите, тој укажа дека постои процедура согласно Устав и закон според која целата постапка се повторува, а претседателот на Собранието станува вршител на должност на функцијата се до изборот на новиот претседател.

Законите кои претседателот Ѓорге Иванов ги врати во Собранието, и вчера повторно беа изгласани, ќе бидат испратени кај шефот на државата, но ако повторно не ги потпише, ќе биде закажана нова собраниска седница во рок од 30 дена од нивното носење, најави денеска претседателот на законодавниот дом Талат Џафери.

За законите, пак, што Иванов ги врати, а е потребно двотретинско мнозинство седница ќе биде одржана по 6 мај кога се очекува да биде избран новиот претседател.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.