На последниот ден од истекот на мандатот на претседателот во заминување Ѓорге Иванов, в недела, ќе биде инаугуриран новоизбраниот претседател Стево Пендаровски.

На специјална собраниска седница, која според најавите, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже за в недела, пред пратеници, министри, верски лидери, уставните судии и дипломатскиот кор, Пендаровски ќе  даде свечената изјава, по која ќе му почне и петгодишниот мандат.

Според досегашната пракса, од собранието Пендаровски ќе се упати во вилата „Водно“, каде што на кратка церемонија, стариот претседател ќе му ја предаде функцијата на новиот претседател.

Во изјава за весникот Вечер претседателот на Собранието Џафери потенцира дека седница в недела ќе има, без оглед кога Пендаровски ќе го добие уверението од ДИК.

Седница мора да има, в недела е последен ден од мандатот на Иванов и не смее да се случи пауза. Седница ќе закажам в недела, макар уверението стигнало в сабота или в недела претпладне, изјави Џафери.

Извесно е на свеченоста да присуствуваат шефовите на државите од соседните земји, а ќе биде поканет и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски рече дека очекува в сабота, најдоцна до недела, Стево Пендаровски да го добие уверението од ДИК, со што автоматски станува новиот шеф на државата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.