Интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која е на дневен ред на денешната 39. седница, ќе се одржи откако, како што најави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе го усогласи терминот со поднесувачите на барањето, пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива, и со министерот Спасовски.
Џафери, кој беше гостин на ТВ 24, во врска со интерпелациите што беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, повтори дека рокот за нив поминал, бидејќи опозициската партија побарала тие да бидат тргнати од дневен ред од 36. седница и оти сега доколку сметаат дека треба нека ги поднесат повторно.
Најдобро е повторно да достават нова иницијатива – рече Џафери.
Според претседателот на законодавниот дом, работата на пратениците „не се гледа“ поради сите ситуации што се случуваат таму и околу Парламентот, а како пример посочи на, како што рече, низа јавни расправи што се одржале и во услови на пандемија.
Но, наместо да се занимаваат со своите работи тие (пратениците од опозицијата) се занимаваат со она што е моја надлежност – вели Џафери.
Во контекст на бројот на пратеници од владејачкото мнозинство, немањето кворум, однесувањето на опозицијата и амандманските блокади и ефикасноста на Парламентот, претседателот на Законодавниот дом не се согласува дека Собранието е неефикасно, најавувајќи дека наскоро ќе биде готова анализата колку закони и колку други точки поминале или не биле донесени на досега одржаните 39 пленарни седници.
На забелешката дека некои пратеници не доаѓаат редовно на седници односно доаѓаат само за гласање, немаат обраќања и земаат плата, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети, Џафери тврдеше дека тој доаѓал на седници.
Доаѓа Али Ахмети, зошто не доаѓа. Ќе дојде да гласа. Немате право да му се мешате на пратеникот дали ќе говори или не – рече Џафери, додавајќи дека Ахмети бил редовен и најдисциплиниран од сите нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.