Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со новоименуваниот амбасадор на Шпанија во земјава, Хосе Луис Лосано Гарсија.

Изразувајќи задоволство за средбата, Џафери ја поздрави досегашната соработка со Шпанската амбасада во Скопје и му посака успешна работа за време на неговиот мандат. Тој ги констатираше пријателските односи меѓу двете земји и изрази надеж дека посакуваната динамика на средби на парламентарно ниво ќе добие на интензитет во иднина.

Во тој контекст, Џафери го информираше амбасадорот за упатената покана до неговата колешка, претседателката Ламања за официјална посета на Република Македонија, како почетна точка во унапредувањето на билатералната парламентарна дипломатија – соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.

Џафери ја искористи можноста да ја повтори благодарноста за брзата ратификација на Протоколот за наше членство во НАТО во пандемиски услови, чин со кој се заокружи пристапниот процес и земјата стана 30-тата членка на Алијансата. За европските интеграции, тој го информираше соговорникот за исполнетите услови од наша страна, потврдени и во последниот извештај на Европската комисија и изрази надеж дека актуелната пречка на тој пат ќе биде отстранета и дека земјата конечно ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

Амбасадорот Гарсија, ги потврди добрите односи меѓу двете земји и искажа уверување дека посветено ќе работи за надминување на дефицитот на билатерални средби на сите парламентарни нивоа. Тој изрази благодарност за поддршката што земјава и ја дава на Владата на Шпанија во контекст на зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, преку почитување на Уставот и законите, како темелни принципи на правната држава. Во однос на НАТО и Европската унија, амбасадорот ја искажа јасната и недвосмислена поддршка на Шпанија и посветеноста на шпанските власти во последниве месеци за што поскоро отпочнување на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија.

Двајцата соговорници беа согласни дека досегашната добра соработка со Шпанската Амбасада ќе продолжи во насока на јакнење на меѓу-институционалната соработка, на полиња од взаемен интерес за двете земји – стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.