Претседателот на Собранието Талат Џафери, се сретна со генералниот секретар на Муслиманската светска лига, Мохамад бин Абдул Карим Ал-Иса, кој е во посета на Република Македонија.

Како што информираат од неговиот кабинет, Џафери ја поздравил мисијата и напорите на генералниот секретар Ал-Иса за унапредување на меѓуверскиот дијалог, верската толеранција и мирната коегзистенција на глобално ниво. Тој, исто така, нагласил дека Република Македонија е мултиетничка, мултирелигиска и мултикултурна секуларна држава, а почитувањето на различните религии, културата, јазикот и етничкото потекло претставуваат камен темелник на безбедноста и на просперитетот на државата.

На средбата, Џафери го информирал Ал-Иса за надворешно-политичките приоритети на нашата држава.

Во соопштението се вели дека во однос на регионалната соработка и односите со соседите, Џафери истакнал дека континуирано се стремиме да создадеме позитивна атмосфера и билатералните прашања да ги решаваме во духот на добрососедството и основните европски вредности.

Ал-Иса, нагласувајќи дека различностите се богатство, искажал пофалби за меѓуетничката и меѓурелигиската соработка во Република Македонија и ја поздравил важната улога на Собранието во градењето соживот, која може да послужи како пример во регионот и пошироко.

Тој се осврнал и на борбата против екстремизмот и радикализмот и нагласил дека за нивно сузбивање најважни се семејството, образованието и институциите. Потенцирајќи дека Мусламанската светска лига придава големо значење на образованието на децата како најсигурна заштита од екстремизам и радикализам, информирал дека на конференциите кои оваа невладина организација ги организира, се канат претставници на Ватикан, на будистичките организации, на еврејските религиски организации и заеднички работат на градење мостови помеѓу заедниците на локално, регионално и глобално ниво.

Ал-Иса истакнал дека Муслиманската светска лига има одлична соработка со сите земји од Западен Балкан и продолжува посветено да работи на градењето нови партнерства меѓу различните заедници, вери и нации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.