Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ в четврток, на 30 декември, да се одржи седница на пратенички прашања е беспредметно.

Џафери потсети дека на ова прашање одговорил уште на 23. овој месец, по нивното процедуралното интервенирање.

Според договореното на координација претходно, консензуално беше определено 23 декември да биде денот на одржување на пратенички прашања, и со тоа се заокружува обврска на Собранието да ја планира активноста што произлегува како обврска од Деловникот. Барањето е беспредметно и мислам дека ќе биде вратено со ова образложение, затоа што како што кажавме Владата е во оставка и мандатот на владините претставници е престанат, а на пратенички прашања, според Деловникот по секоја цена треба да биде премиерот, а кој премиер ќе биде, кој нема мандат. Значи од таа причина не може да се очекува – нагласи Џафери.

Додаде дека барањето е направено, пристигнато до него и најави дека соодветно ќе биде одговорено.

Одговарајќи на новинарско прашање, Џафери рече дека оваа година не е малку сработено во Собранието. Според него, Собранието соодветно сработило.

Не мислам дека е многу малку сработено, мислам дека е сработено соодветно спрема она што е динамика на работа на Собранието и спрема она што се процедурите, а дел од точките што стојат на комисиите ќе треба со претседателите на комисиите да ги видите причините зошто тие точки стојат таму, во што е пречката – изјави Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.