Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека се следи состојбата во Украина и дека нашата Амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.

Ја следиме состојбата и во поглед на нашите граѓани коишто се таму. Досега имавме неколку апели за да се искористат сите можности преку комерцијални летови да се вратат овде во Скопје. Дел од нив се вратија, дел не. Во комуникација сум со нашата Амбасада. Таму од утринава и денеска имаме неколку граѓани коишто бараат документи за да може да ја напуштат земјата, но ние веќе правиме планови и за евакуација на нашите дипломати, иако таа одлука се уште ја немаме донесено. Меѓутоа, сме во постојана координација со нашите партнери и со нашите луѓе на терен за да ги донесеме соодветните одлуки, рече шефот на дипломатијата за „Утрински брифинг“.

Тој информира дека две семејства денеска се обратиле во нашата Амбасада во Киев коишто бараат одредени документи со цел да ја напуштат земјата. Османи потсети дека МНР веќе со недели апелира за тоа, со цел да не бидеме во ситуација денеска кога се блокирани и патиштата и начините за да им се излезе во пресрет. Тој порачува дека нашите дипломати се таму и ќе најдат начин да им се помогне се додека имаат можност, а потоа ќе донесеме евентуално и одлука за евакуација на нашите дипломати од Амбасадата.

Ние имаме од поодамна резервни планови доколку аеродромот се затвори, доколку нема комерцијални летови и како би ги извадиле нашите луѓе ние и денеска за еден час ќе имаме седница на Влада на која што ќе донесеме одредени одлуки по однос на состојбата таму. Така што сега станува се потешко да им се излезе во пресрет. Тие што го искористија апелот и одговорија на апелот се вратија во Скопје, меѓутоа продолжуваме да бидеме во комуникација со нашите луѓе да им помогнеме да излезат од Украина, вели Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека се следи и целокупната ситуација во Украина и дека сите партнери во НАТО се единствени во однос на преземањето следни чекори.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.